Директорот на Државниот пазарен инспекторат, Горан Трајковски информираше дека за време на викендот што измина пазарниот инспекторат во координација со МВР спроведе акциски контроли во угостителски локали кадешто се организираат забави за малолетници (junior забави), при што било констатирано дека се точи и продава алкохол на малолетни лица.
-Напоменувам дека точење алкохол на малолетници е кривично дело, а казните за оние угостители што ќе бидат фатени како точат алкохол на малолетници се ригорозни и се движат до 4.000 евра. Освен парични казни, се изрекуваат и казни за забрана за работа во период од еден месец, а за повторување на делото може да следува и целосна забрана за работа. Апелирам ваквата појава веднаш да престане! Апелот го упатувам и до угостителите, но и до родителите. Родители, разговарајте со децата за штетноста од конзумирањето на алкохол, бидејќи се работи за нивно добро и здравје, објави Трајковски.
Првиот човек на ДПИ нагласи дека заедно со колегите од инспекторатот, но и со другите надлежни институции, и понатаму ќе спроведуваат интензивни заеднички акции со цел спречување на ваквите случувања.
-Секој кој ќе го прекрши законот, нема да биде поштеден од изрекување на соодветна санкција, дециден е Трајковски.