Иако има голем број неевидентирани ромски деца во Прилеп, локалните власти велат дека секоја година се зголемува бројот на Ромчиња во образовниот процес.
Голем број ромски деца од прилепските населби Тризла и Три Багреми се уште не се евидентирани, немаат документи за идентификација, а според тоа не се вклучени во образовниот систем. Но, сепак, како што истакнуваат од општинскиот сектор за образование, секоја година се зголемува бројот на децата од ромска националност кои се вклучени во редовна настава. Па, според евиденцијата, од вкупно 7.000 основци, околу 1000 се Роми, а од 4.100 средношколци, околу 150 ученици припаѓаат на оваа националност.
Освен нив во прилепските училишта настава посетуваат и 150 Турци. Но, меѓуетничките разлики досега не биле проблем, ниту за учениците од македонска, ниту за оние од друга националност. На етничка или верска основа не се регистирани никакви инциденти. А, со реализација на Проектот за меѓуетничка интеграција во образованието треба да се поттикне уште попозитивна атмосфера за работа, учење и дружење меѓу учениците кои доаѓаат од различни етнички заедници, традиции и култури.
Проектот ќе помогне да се подобри ситуацијата и релациите меѓу учениците од разни етникуми, иако координаторот на проектот, финансиран од УСАИД, потенцира дека спроведувањето на сите активности се планирани една година пред воопшто да се случат последните инциденти во училиштата во некои градови.
Тој додава дека ќе се користат и разменуваат искуства меѓу училиштата, ќе бидат вклучени и родителите за да се создадат услови овој систем да го прифатат сите релевантни фактори во образовниот процес, кои се темел на стабилноста и виталноста на државата.