Home All Antigypsyism КОГА РАСИЗМОТ СТАНУВА ЗАКАНА ЗА ЖИВОТ: КОЈ ЌЕ ГИ ЗАШТИТИ РОМИТЕ ВО...

КОГА РАСИЗМОТ СТАНУВА ЗАКАНА ЗА ЖИВОТ: КОЈ ЌЕ ГИ ЗАШТИТИ РОМИТЕ ВО ЕВРОПА?

106
0

Случајот во Пловдив е сериозно предупредување дека расизмот и екстремизмот не се минато, туку опасност со која Европа сè уште се соочува.

Информациите објавени од бугарскиот медиум Dnes.bg за откривањето на групата наречена „Ку-клукс-клан – Дивизија Пловдив“ отвораат сериозни прашања за безбедноста на Ромите и за одговорноста на институциите да ги заштитат сите граѓани, без разлика на нивната етничка припадност.

Според информациите од обвинителството во Пловдив, постојат сведоштва за физички напади врз Роми, напади врз странски државјани и подготовки за подметнување пожари во ромската населба Столипиново. Особено вознемирувачки е фактот што, според обвиненијата, во групата биле вклучени и малолетници.

Ова не е само прашање на една криминална истрага. Ова е прашање на демократските вредности, човековото достоинство, безбедноста и владеењето на правото.

Ромите не се граѓани од втор ред. Ниту една населба, ниту една етничка заедница и ниту еден човек не смеат да бидат цел на насилство поради својот идентитет.

Европа со децении зборува за човекови права, еднаквост, инклузија и борба против дискриминацијата. Но, каква е вредноста на сите тие декларации доколку во европските градови повторно се појавуваат организирани расистички структури кои планираат насилство врз припадници на одредени етнички заедници?

Потребна е јасна и недвосмислена реакција од бугарските институции, но и од европските институции и организациите за човекови права.

Бараме:

  • Целосна и независна истрага за сите пријавени напади врз Роми.
  • Утврдување на одговорноста на сите лица доколку нивната вина биде докажана.
  • Конкретни мерки за заштита на ромското население во Столипиново и другите загрозени средини.
  • Посебно внимание кон радикализацијата и регрутирањето малолетници во екстремистички структури.
  • Систематско следење и спречување на расистичките организации и поттикнувањето етничка омраза.

Меѓународната ромска заедница не смее да остане нем сведок на вакви појави. Потребни се солидарност, институционална реакција и јасен став дека нападите врз Ромите се напад врз основните европски демократски вредности.

Нашата порака е едноставна: Ромите имаат право да живеат слободно, достоинствено и без страв, во секој европски град, на секоја улица и во секоја населба.

Никој нема право да одлучува каде смеат да живеат, каде смеат да се движат и каква иднина смеат да имаат Ромите.

Време е Европа да покаже дека борбата против расизмот не е само политичка декларација, туку вистинска обврска!

Зоран Димов
Претседател
Меѓународна ромска унија – IRU

Извор: Dnes.bg, Бугарија, 20.11.2026 година – информација за истрагата против групата во Пловдив.

 

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here