Home All NGO Projects REF – РОМСКИОТ ОБРАЗОВЕН ФОНД: СЕ ЗАТВОРА, СЕ ОТВОРА ИЛИ САМО СЕ...

REF – РОМСКИОТ ОБРАЗОВЕН ФОНД: СЕ ЗАТВОРА, СЕ ОТВОРА ИЛИ САМО СЕ ВРТИ КЛУЧОТ? КОЈ КОГО ПРАВИ БУДАЛА?

141
0

Дваесет години, милиони евра, стотици презентации и едно големо прашање: КАДЕ СЕ ОБРАЗОВАНИТЕ РОМИ?

Добредојдовте во светот на ромското образование, каде што понекогаш е полесно да се отвори нов проект отколку да се добие одговор што се случило со претходниот!

Во главната улога е REF – Ромскиот образовен фонд, институција која со години беше претставувана како еден од најзначајните механизми за подобрување на образованието на Ромите во Европа.

Основана во Швајцарија, подоцна со седиште во Будимпешта, со активности во повеќе европски држави и со поддршка од меѓународни донатори, REF со години ја раскажуваше приказната за подобрата образовна иднина на Ромите.

И тука започнува нашата мала комедија.

Според финансиските проценки што се споменуваат во јавноста, станува збор за околу 100 милиони евра во текот на повеќегодишното работење. Се споменуваат 16 држави, милиони Роми и огромен број потенцијални корисници на образовните програми.

Замислете само! Со толку пари човек би очекувал денес да има цела армија ромски професори, доктори, инженери, правници, научници и универзитетски професори.

Можеби некој од нив дури и да го наследи директорот на фондот!

Но, почекајте малку. Пред да го славиме големиот образовен успех, да видиме што навистина се случило.

По толку години работа, каде е конечниот биланс? Колку ромски деца завршиле средно образование? Колку дипломирале на факултет? Колку се магистри и доктори на науки? Колку од нив денес се вработени и придонесуваат за развојот на своите заедници?

Или можеби најголемиот образовен успех е тоа што денес имаме сè повеќе експерти за пишување проекти, а сè уште чекаме да видиме доволно голем број образовани Роми?

А СЕГА, ДА ЈА ПОГЛЕДНЕМЕ И НАШАТА МАЛА ПРЕТСТАВА ВО МАКЕДОНИЈА!

Најавата изгледаше спектакуларно. Се подготвуваше агенда, се најавуваа министри, директори, високи претставници, панелисти и експерти. Човек би помислил дека доаѓа европски самит, а можеби и ново основање на ромското образование!

Се очекуваше сериозен настан, сериозна дискусија и сериозни одговори.

Но, изгледа дека и самиот настан имал проблем со сопствената агенда.

Еве како изгледаше комедијата: организаторите подготвиле дневен ред, го испечатиле, го поставиле на ѕидот во салата, па присутните морале да станат, да одат до ѕидот и да прочитаат што всушност треба да се случува!

Очигледно, дневниот ред бил најдостапниот учесник на конференцијата. Не доаѓал од далеку, не барал авионски билет, не барал хотел, не барал хонорар, а бил присутен од почеток до крај!

Само уште да му дадеа микрофон, можеби и тој ќе одржеше подобра презентација.

Најавените гости и панелисти не се појавија во очекуваниот состав, а реалноста беше значително поинаква од свечената програма. Директорот Кипријан, исто така, не се појави лично во Македонија, и покрај важноста што му беше дадена на настанот.

Се разбира, можеби имал поважна агенда. Но, кога станува збор за организација што со години работи со ромското образование, зарем не е нормално директорот лично да ги слушне прашањата на луѓето за чии интереси постои таа институција?

Или можеби директорската функција е доволна за да се биде присутен и кога физички не си во салата?

А СТИПЕНДИИТЕ? ТУКА ДОАЃА ВИСТИНСКАТА МАТЕМАТИКА!

На презентацијата слушнавме за стипендии од 400, 800 и повеќе евра. Убаво звучи. Секоја поддршка за ромски ученик или студент е добредојдена.

Но, некако никој не ни ја презентираше целосната математичка операција.

Колку чини една стипендија кога ќе се пресметаат сите трошоци на програмата? Колку пари одат за административниот апарат, проектните менаџери, координаторите, менторите, туторите, медијаторите, раководните структури и останатите институционални трошоци?

Не велиме дека тие луѓе не треба да бидат платени. Секако дека треба. Но, ако се работи со пари наменети за ромското образование, тогаш јавноста има право да знае колку се вложува во самиот ученик, а колку во системот што го опслужува проектот.

Можеби некој ќе треба да измисли и нова категорија стипендија – стипендија за проектни менаџери, за да можат и тие да продолжат со образованието за тоа како да продолжуваат проектите!

А СЕГА, НАЈГОЛЕМАТА ЗАГАТКА: REF СЕ ЗАТВОРА ИЛИ СЕ ОТВОРА?

Ова веќе личи на познатата детска игра: отвори ја вратата, затвори ја вратата, сврти го клучот, па повторно отвори!

Од една страна се зборува за затворање на досегашната институционална структура, а од друга страна се најавува дека поддршката за проекти ќе продолжи преку финансирање поврзано со Џорџ Сорос.

Тогаш, што точно се затвора? Што продолжува? Кој ќе управува? Кој ќе ги избира проектите? Кој ќе ги контролира средствата? И, најважно, кој ќе одговара за резултатите од претходните две децении?

Дали се менува само адресата, логото, директорот или целиот модел на работа?

Ако институцијата се трансформира, тогаш ромската јавност заслужува јасно објаснување, а не уште една презентација со наслов „Нова визија за иднината“.

Бидејќи Ромите веќе имаат доволно визии. Им недостигаат конкретни резултати.

А КАДЕ Е ЕВРОПСКАТА ОДГОВОРНОСТ?

Европската Унија и меѓународните донатори треба да постават едно едноставно прашање: до кога ќе се финансираат програми што се претставуваат како успешни, без јавноста да добие целосна и споредлива слика за нивните долгорочни резултати?

Не е доволно организацијата да биде добро организирана, да има канцеларии, директори, експерти, извештаи и меѓународни конференции.

Организацијата може да има совршена администрација, а нејзините корисници сè уште да чекаат вистински промени.

Ромското образование не е сопственост на ниту една фондација, ниту на еден директор, ниту на една група проектни менаџери.

Тоа е право на една цела генерација.

И ЗА КРАЈ, ЕДНА МАЛА ПРЕПОРАКА ЗА СЛЕДНИОТ НАСТАН НА REF.

Наместо да организираат уште една конференција со министри, директори, панелисти и агенда залепена на ѕидот, можеби треба да организираат еден поинаков настан.

Нека ја донесат целата документација за дваесетгодишното работење, нека ги отворат финансиските извештаи, нека ги прикажат резултатите и нека ги поканат поранешните стипендисти.

Нека ни покажат каде се денес тие млади луѓе, што завршиле, каде работат и каква промена направиле во ромските заедници.

А директорот Кипријан, наместо уште една презентација, нека донесе и еден голем калкулатор. Можеби конечно ќе ја пресметаме разликата меѓу вложените милиони и добиените резултати.

И ако повторно се постави прашањето дали REF се затвора или се отвора, можеби најдобро е на вратата да се постави едно големо известување:

„ПРОГРАМАТА Е ВО ТЕК. РЕЗУЛТАТИТЕ СЕ ВО ПОДГОТОВКА. ЗА ОДГОВОРИ ОБРАТЕТЕ СЕ НА СЛЕДНАТА КОНФЕРЕНЦИЈА.“

Се разбира, тоа е само шега. Но, прашањата се сериозни.

ЗАТОА, КОЈ КОГО ПРАВИ БУДАЛА?

Оние што верувале дека со милиони евра ќе се создаде образовна револуција, или оние што сè уште очекуваат ромската јавност да биде задоволна со уште еден панел, уште една презентација и уште една нова стратегија?

По дваесет години, ромската младина не треба да биде статист во туѓи проекти. Таа треба да биде главниот резултат на тие проекти.

Бидејќи образованието не се мери според бројот на конференции, дебелината на извештаите или бројот на вработени во една фондација.

СЕ МЕРИ СПОРЕД ТОА КОЛКУ ОБРАЗОВАНИ РОМИ ОСТАВИВМЕ ЗАД СЕБЕ!

А тоа, господа, не се чита од агенда залепена на ѕид. Тоа се докажува со резултати.

Секоја сличност со реалноста не е случајна. Прашањата се јавни, а одговорите ги очекува ромската јавност.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here