РОМСКИОТ ЈАЗИК – ПРАВО, ИДЕНТИТЕТ И НАСЛЕДСТВО: СО АКАДЕМСКИ ЧАС, ДОКУМЕНТАРЕН ФИЛМ, ИЗЛОЖБА И ПРИЗНАНИЈА ОДБЕЛЕЖАН СВЕТСКИОТ ДЕН НА РОМСКИОТ ЈАЗИК
По повод 5 Ноември – Светскиот ден на ромскиот јазик, на 2 ноември 2026 година, во Скопје се одржа свечен настан посветен на зачувувањето, негувањето и афирмацијата на ромскиот јазик, култура и идентитет. Настанот беше организиран од Здружението „Ромски деловен информативен центар на Македонија“ – Скопје (ЗРДИЦМ), во просториите на Средното училиште „Шаип Јусуф“ во Шуто Оризари.
Настанот обедини претставници на институциите, гости од странство, образовни работници, истражувачи, писатели, културни работници, новинари, претставници на граѓански организации, активисти и ученици, со заедничка цел да се истакне значењето на ромскиот јазик како важен дел од културното и историското наследство на ромскиот народ.
Академски час посветен на ромскиот јазик
Главен говорник на настанот беше Зоран Димов, претседател на ЗРДИЦМ, кој во своето обраќање го истакна значењето на ромскиот јазик како еден од најважните столбови на ромскиот идентитет, носител на историјата, традицијата, културата и колективната меморија на ромскиот народ.
Во рамките на академскиот час свои излагања имаа Велјко Кајтази, пратеник во Хрватскиот парламент, Даниел Петровски, антрополог, автор и истражувач на ромската култура, Мирсдита Салиу и Севда Демирова Абдулова. Преку своите излагања тие го потенцираа значењето на ромскиот јазик во образованието, истражувањето, литературата, зачувувањето на културното наследство и неговото пренесување на идните генерации.
Посебно значење на настанот му даде присуството на гостите од Република Хрватска – Велјко Кајтази и Сузана Крчмар, претседателка на Сојузот на Ромите во Република Хрватска „Кали Сара“. Нивното учество придонесе за размена на искуства и истакнување на важноста на меѓународната соработка во афирмацијата на ромскиот јазик и култура.
Документарен филм и изложба посветени на историјата на ромскиот јазик
Во рамките на програмата беше прикажан и краток документарен филм посветен на ромскиот јазик, неговото значење и културното наследство што го носи. Посетителите имаа можност да ја проследат и изложбата составена од 10 информативни банери, преку кои беа претставени потеклото, историјата и развојот на ромскиот јазик.
Овие содржини имаа посебна едукативна вредност, особено за младите, овозможувајќи им подобро запознавање со јазикот, неговите корени и значењето на неговото зачувување.
Свечено доделување плакети и признанија
Во свечениот дел од програмата беа доделени плакети и признанија на личности, организации, медиуми, културни работници и ученици за нивниот особен придонес во зачувувањето, развојот, афирмацијата и популаризацијата на ромскиот јазик и култура.
Со признанијата беа опфатени придонеси од областа на образованието, литературата, поезијата, музиката, уметноста, новинарството, младинскиот активизам, културното творештво и институционалната поддршка. Посебно внимание беше посветено и на младите ученици, како поттик за нивниот успех, талент и активен придонес во заедницата.
Преку доделените плакети беше изразена благодарност и почит кон сите оние кои со својата работа и посветеност придонесуваат ромскиот јазик да се зачува, развива и да добие заслужено место во општеството.
Поддршка и благодарност
Настанот беше реализиран во рамките на проект финансиски поддржан од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија, на кое ЗРДИЦМ упатува искрена благодарност за поддршката и препознавањето на значењето на активностите за зачувување и промоција на ромското јазично и културно наследство.
Посебна благодарност се упатува и до директорот на Средното училиште „Шаип Јусуф“ – Скопје за гостопримството, соработката и овозможувањето на настанот да се реализира во просториите на училиштето, како и за поддршката на активностите посветени на ромскиот јазик и младите генерации.
Одбележувањето на Светскиот ден на ромскиот јазик уште еднаш потсети дека јазикот не е само средство за комуникација, туку носител на историја, култура, традиција и колективна меморија. Неговото зачувување е заедничка одговорност, а неговата иднина зависи од тоа колку ќе го негуваме, користиме и пренесуваме на младите генерации.
„Да не дозволиме ромскиот јазик да остане само дел од нашето минато – да го направиме јазик на нашата сегашност и иднина!“











