Речиси сите Роми се изложени на еден или на повеќе од еден ризик фактор по здравјето кој произлегува од неповолните услови за домување, внатрешното загадување, небезбедните извори на вода за пиење, небезбедните начини за отстранување на отпадни води, небезбедните начини за отстранување на цврстиот отпад од домаќинствата, како и изложеноста на ризиците на работното место. А пак, во најголем број на домаќинства членовите се изложени на два до седум ризици секојдневно, покажа истражувањето „Живот на периферија“, што го спроведе Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ.
Од ЕСЕ наведоа дека истражувањет за изложеноста и влијанието на еколошките ризици врз здравјето и животната средина на Ромите – жители на сиромашните, неформални населби било спроведено во 13 сиромашни, неформални ромски населби, лоцирани во пет градови и едно село во Северна Македонија.
– Со истражувањето беа собрани цела низа квалитативни и квантитативни информации, преку анкетирање на 2.171 претставник на исто толку домаќинства кои живеат во тие населби, како и претставници на општинската администрација на општините Шуто Оризари, Куманово, Прилеп, Виница, Делчево и Пехчево, наведоа од ЕСЕ.