Девојките и жените од ромската етничка заедница од државата добија поволни услови за образование и учество на пазарот на труд. Но бројките засега го покажуваат спротивното. Порасна бројот на Ромките со средно образование, но факултетот сѐ уште се чини е „табу тема“ во ромската заедница. Сепак, состојбата не е толку црна како пред неколку децении, кога во однос на образованието Ромките беа синоним за неписменост. На што се должи малиот број дипломирани Ромки во последните неколку години, кога државата доделува и над 100 студентски стипендии во една академска година со цел преку образованието Ромите целосно да се интегрираат во општеството.
Според податоците на Државниот завод за статистика, на крајот на учебната 2016/2017 во основните училишта низ целата земја имало 9.328 ученици Роми, од кои речиси половина или вкупно 4.548 девојчиња. Поразителен е фактот што кога станува збор за продолжение на образованието. Ромите се соочуваат со автостигмата дека не им е потребно ништо повеќе од „осум или девет одделенија“.
Средното образование истата учебна година го продолжиле само 1.409 ученици Роми, од кои само 622 девојки. Диплома за средно образование истата учебна година зеле 305 Роми, од кои 125 девојки.
Евидентно е дека Ромите се најмногубројни во основното образование, а за средно почнаа да се одлучуваат во последната деценија мотивирани од државните стипендии, кои претставуваат голем финансиски мотив. А кога доаѓаме до факултетот, тој е „луксуз“ меѓу Ромите. Во прилог на тоа говори и податокот дека во 2017 година дипломирале само 11 млади Ромки и 19 момчиња Роми.
Според ДЗС, минатата учебна 2017/2018 година во високо образование се запишале вкупно 82-ца Роми, а најголем бил интересот за Филозофскиот и за Медицинскиот факултет.
Според Годишниот извештај за вработените во јавниот сектор, кој го објавува Министерството за информатичко општество и администрација, во 2017 во работен однос во јавниот сектор биле 1.245, односно 1,14 отсто се Роми.
За мирен и хармоничен развој на општеството потребно е почитување на етничкиот идентитет и интересите на сите граѓани, а во таа насока и на Ромите. Секој писмен, а во поголема мера и академски граѓанин припадник на ромската заедница е во корист на општеството, кое пак треба да се заложи да ги искористи капацитетите на образованите и способни поединци насочувајќи се кон што е можно попродуктивен колектив.