Во Германија за првпат се документира каде и како се случува „антициганизам“. Честопати го има во државните институции. Дали 621 регистрирани инциденти со „антициганска“ конотација во една година се многу или малку? Дали насилството кон Синтите и Ромите се намалува или се зголемува? На овие прашања Центарот за пријави и информации за „антицигански“ појави (МИА) ќе може да даде одговори најрано во 2024 година. Билансот кој сега е претставен е премиера. За разлика од извештајот за состојбата објавен во 2021 година од страна на Независната комисија, отсега натаму новата форма на извештаи е планирана на годишно ниво.
„Со тоа МИА ќе фрли светло врз серија ‘антицигански‘ кривични дела и инциденти“, пишува во предговорот претседателот на Централниот совет на германските Синти и Роми, Романи Розе. Центарот МИА, кој е финансиран од страна на Министерството за семејство во Германија, не се воздржува од употреба на дискриминирачки зборови заради подобро разбирање на нештата. „Во нашиот извештај на некои места го употребуваме поимот ‘циган‘. Таквиот ‘антицигански‘ поим до денес предизвикува многу страдање, насилство и изолација. Ние поимот го употребуваме колку што е можно поретко и исклучиво во наводници", ја објаснува својата одлука тимот на МИА. Со наводниците треба да биде ставено до знаење дека таквиот поим и „антициганските“ претстави и предрасуди кои се кријат зад него, се само конструкција на мнозинството во општеството, велат од МИА.
Link: https://www.dw.com/mk/rasizam-sintite-i-romite-se-nasekade-zagrozeni/a-66846976