Вчера остварив срдечна и конструктивна средба со министерот за култура и туризам, кој ми укажа топло добредојде. Во оваа пригода изразив искрена благодарност за досегашната поддршка на Министерството за зачувување, промоција и развој на ромската култура и јазик.
Во знак на благодарност за придонесот и поддршката, на министерот му беше врачена плакета од Здружението „Ромски деловен информативен центар“ (RBIC), во име и со поддршка на невладините организации и ромските културни работници, како признание за активностите на Министерството, вклучително и поддршката за одбележувањето на 5 Ноември – Денот на ромскиот јазик и култура.
Изразивме очекување оваа соработка да продолжи и во наредната година, со уште поголема поддршка, повеќе финансирани проекти, културни програми и иницијативи што ќе им овозможат на ромските уметници, културни работници и организации да го развиваат и афирмираат своето творештво.
Посебно внимание на средбата посветивме и на долгогодишното прашање за Музејот на Есма Реџепова – Стево Теодосиевски. Министерот го запознав од мојата страна со досегашните иницијативи и со значењето на овој објект за ромската заедница и културното наследство на државата. Ја поздравуваме неговата лична заложба и иницијатива, преку доставување предлог до Владата, ова прашање конечно да добие институционално решение.
Нашето очекување е, согласно волјата и тестаментот на Есма Реџепова, објектот да добие соодветен јавен и културен статус, во соработка меѓу Министерството за култура и туризам и Градот Скопје, со јасно дефинирани надлежности и одговорности.
Нашата визија е овој простор да прерасне во првиот современ мултифункционален културен дом на Ромите, место за зачувување на ромскиот јазик, музиката, традицијата, уметноста, образованието, културните настани и афирмацијата на новите генерации.
„Културата не се зачувува само со зборови, туку со институции, поддршка и конкретни дела. Ромската култура заслужува свое место, своја инфраструктура и еднакви можности за развој.“
Благодарност до министерот и Министерството за досегашната поддршка, со надеж дека оваа соработка ќе донесе уште поконкретни резултати во интерес на ромската култура и општеството во целина.







